Крајот на „Твитер“ сè поизвесен

Поминаа пет месеци откако Илон Маск го купи „Твитер“, платформа што претходно ги надмина сите очекувања благодарение на имиџот на највлијателна социјална мрежа.

Иако многумина го доведуваа во прашање тоа влијание и често укажуваа на токсичноста што доаѓа од тоа место, „Твитер“ стана главна дестинација за новинарите и љубопитните што сакаа да ги следат дискусиите на интересни луѓе, кои токму таму создадоа заедница во која комуницираат меѓу себе или со јавноста, се наведува во неодамнешната статија на „Теч кранч“, со наслов „Твитер умира“.

„Тоа беше место каде што елементите на социјалната мрежа беа во втор план, првенствено беше место каде што луѓето доаѓаа за информации. Секако, тоа не го исклучува фактот дека станува збор за неофицијална апликација за запознавање, но во денешно време, помалку или повеќе, таква е речиси секоја апликација на која комуницирате“.

Со текот на годините многумина се шегуваа дека е неверојатно што „Твитер“ е бесплатен поради количината информации до кои лесно можете да пристапите.

Но, шегата стана реалност и „Твитер“ повеќе не е слободно место бидејќи Маск одлучи да промени сè што ја правеше оваа платформа непроценливо место за многумина.

Тој ги избрка експертите, ги исплаши познатите личности и почна да ги малтретира новинарите, а во исто време наградува лоши актери, спамери и сплеткари, на кои им одговара новосоздадената атмосфера на информативен вакуум.

„И не е важно дали се работи за неспособност или намерна саботажа на Маск, резултатот е ист – ‘Твитер’ умира.“

„Секој потег на Маск го претвора ‘Твитер’ во сенка на она што беше некогаш. Со одлуките за деблокирање на профилите на нацисти, за продолжување на токсичниот тип на комуникација, наплата за верификација или блокирање на профилите на новинарите, Маск ја уништи вредноста на ‘Твитер’ за рекордно кратко време, а секоја одлука предизвикува дополнителен одлив на експерти и корисници“.

Од 1 април почна следната, некои би рекле и последната фаза на уништување, откога стапи во сила наплатата за верификуван статус, што значи дека ќе бидат присутни сите оние што се подготвени да платат по осум долари месечно.