Памела Андерсон ќе глуми во третиот дел на филмот „Јужен ветар“

Холивудската актерка Памела Андерсон (55) ќе глуми во третиот дел од филмот „Јужен ветар“, дознава српски „Курир“.

Дејствието на новиот филм ги носи главните ликови надвор од Белград и Србија во авантури кои ќе доведат до преиспитување на меѓусебните односи, но и до ситуации во кои можноста за преживување и исходот ќе бидат неизвесни.

Доаѓањето на Памела, како ѕвезда во третиот дел, не е изненадување за луѓето од филмскиот бизнис, бидејќи таа ги има истите агенти како и нејзините колеги, холивудските актери Ерик Робертс и Вилијам Болдвин. Тие ја снимија втората сезона од серијата.

За ангажман на светските ѕвезди, како што дознава српски „Курир“, потребно е да се издвојат меѓу 50.000 и еден милион евра.

Авторите на популарната франшиза сѐ уште не сакаат да ги откријат деталите од третиот дел. Инаку, главен актер во „Јужен ветар“ е познатиот српски актер Милош Биковиќ, кој го отелотворува ликот Петар Мараш.

– Точно е дека во филмот ќе има и една голема ѕвезда. Не сакаме да го објавиме нејзиното име додека не почне снимањето – изјавила кратко за „Курир“ продуцентката Татјана Жежељ Гојковиќ.

Третиот дел од „Јужен ветар“ ќе биде спремен за киносалите во 2024 година.