Барби, најпродаваната кукла и омилената детска играчка на милиони девојчиња ширум светот, наскоро ќе ја видиме на големото филмско платно.
Продукционата компанија „Ворнер брос“, во соработка со компанијата „Мател“, го претстави тизерот за претстојната романтична комедија „Barbie“, во која куклата Барби ќе го напушти нејзиниот совршен куклен универзум и ќе се обиде да се вклопи во светот на луѓето.
Актерите Марго Роби и Рајан Гослинг ќе им дадат живот на познатите Барби и Кен во овој долгоочекуван филм на режисерката Грета Гервиг.
Режисерката Гервиг сподели дека биле „преплашена“ од предизвикот да сними филм за иконските кукли.
„Јас помислив: ‘Од каде да почнам? Која ќе биде приказната?’. Мислам дека тоа чувство беше интересен страв. Вообичаено, таму се наоѓаат најдобрите работи, тогаш кога ќе помислиш: ‘Јас сум исплашен од тоа’“, изјави Гервиг во поткастот „Dua Lipa’s ‘At Your Service’“.
Покрај трејлерот, вчера беа објавени и филмските постери со кои беа претставени и останатите имиња од актерската екипа. Меѓу нив се најдоа Вил Фарел, Америка Ферера, Дуа Липа, Симу Лиу, Кејт Мекинон, Иса Реј, Мајкл Сера, Кингсли Бен-Адир, Никола Кофлан, Емералд Фенел и други.