Милановиќ за кандидатурата на Пленковиќ за шеф на НАТО: Живее за да се препаркира некаде(ВИДЕО)

„За мене е важно да го избегнам датумот на изборите да биде прилагоден на потребите на премиерот и неговата амбиција да се вметне во високото меѓународно тело“, предупреди Милановиќ, пренесе агенцијата Хина.

 

 

Тој додаде дека функцијата шеф на НАТО „никогаш не била замислена или функционирала како нешто креативно и политички важно“ и дека во услови на криза шефот на НАТО е поприсутен во медиумите, но дека кандидатот „ќе мора да апелира до Вашингтон и Париз“, како и дека Франција отворено покажува дека има проблеми со независноста на генералниот секретар на Алијансата.

Како потенцијални кандидати се споменуваат и романскиот претседател Клаус Јоханис и естонската премиерка Каја Калас. Хрватскиот претседател смета дека Јоханис може да биде сериозен кандидат бидејќи Романија е поголема од Хрватска, подолго е во НАТО и затоа што таму е стационирана елитната американска дивизија.

Милановиќ изјави дека не го гледа Пленковиќ на таа позиција.

„Таму, во принцип, треба да го врзете коњот каде што ќе ви каже газдата, а целата кариера на Пленковиќ е да му забие нож во ногата на тој што му помогнал“, рече Милановиќ и додаде дека „барем со една комора на неговото срце“ го поддржува Пленковиќ да стане нов шеф на НАТО.

Како што потсетува хрватската агенција, мандатот на актуелниот шеф на НАТО, Јенс Столтенберг, истекува на 30 септември годинава, а се очекува името на неговиот наследник да биде познато до самитот на НАТО во јули.