Кралот Чарлс Трети планира да помине по пократок пат до Вестминстерската опатија за неговото крунисување, скратувајќи ја патеката на поворката што ја поминала неговата мајка во 1953 година, бидејќи тој се стреми кон поскромен настан кој истовремено ќе вклучува и некои модерни елементи, соопшти Бакингемската палата.
Церемонијата на крунисувањето што ќе се одржи на 6 мај и која што нема да биде толку спектакуларна како што беше на кралицата Елизабета, сепак ќе биде во духот на древната традиција и збогатена со кралски адети и скапоцени камења на круната кои ќе бидат искористени од кралската ризница. Но исто така ќе користи и свои емотикони како одраз на првото британско крунисување во ерата на социјалните мрежи. Крунисувањето на кралицата Елизабета Втора пред 70 години, пак, беше првото крунисување на телевизија.
Ново ќе биде што Чарлс и сопругата Камила, ќе излезат од Бакингемската палата во позлатената црна кочија влечена од коњи, која беше направена за 60-годишнината од владеењето на неговата мајка кралицата Елизабета. Кочијата е со греење, климатизер, прозорци што се отвораат со притискање на копче и амортизери, што ќе обезбеди поудобно возење на кралската двојка.
Патот долг 2 километри е малку пократок од оној што Елизабета го одеше до кралската црква. Поворката ќе оди покрај Трафалгар Сквер и статуата на Чарлс Први – монархот кој беше обезглавен во 1649 година, и покрај Парламентот пред да пристигне за богослужбата во 11 часот.
Иако Чарлс сака да покаже дека монархијата е сè уште релевантна во модерната, мултикултурна Британија, тој рече дека планира да ја намали институцијата. Се очекува крунисувањето да го сигнализира тоа со пократка, помалку екстравагантна церемонија и тричасовна служба, за разлика од онаа што се одржа за Елизабета Втора.
Сепак, голем дел од уникатните адети и предметите симболи на моќта кои се користеле со векови при такви церемонии, ќе бидат дел од крунисувањето и на Чарлс и на Камила, вклучувајќи пет симболични мечови, два жезола и прстенот на суверенот на кој има крст од сафир поставен во дијаманти.
Камила, која ќе ја носи круната на кралицата Марија, ќе држи жезол направен од слонова коска. Патем, Велика Британија има речиси целосна забрана за продажба на производи од слонова коска, а принцот Вилијам, престолонаследник, води кампања против илегалната трговија со делови од животни.
За време на свечената церемонија што ќе ја води Џастин Велби, надбискупот од Кентербери, Чарлс ќе биде крунисан за крал со круната на Свети Едвард со скапоцени камења, која што секоја година можат да ја видат милиони луѓе во Лондонската кула.
Круната, која ќе ја има и како емотикон на социјалните мрежи кога ќе се објавува за крунисувањето, е направена од 2,2 килограми злато украсена со рубини, аметист, сафири, топази и турмалини, и има виолетова кадифена капа и лента од хермелин. Ја носеше и Елизабета за време на нејзиното крунисување а сега е адаптирана и преправена за нејзиниот син Чарлс.
На крајот на церемонијата, Чарлс ќе ја симне тешката круна и ќе ја стави на глава полесната империјална државна круна додека се вози во кочијата назад во палатата.
За разлика од маршрутата долга 8 километри што Елизабета и нејзиниот сопруг принцот Филип ја поминаа низ Лондон во 1953 година, Чарлс и Камила ќе се вратат по патот што дојдоа, но во друга кочија – стара 260 години што се користи при секое крунисување од Вилијам IV во 1831 година па досега.
Кочијата која тежи 4 тони и ја влечат осум коњи, е позната по своето грубо возење. Елизабета го опиша како „ужасно“, кралицата Викторија се пожали на нејзината „вознемирувачка осцилација“, а Вилијам IV – познат како Кралот на морнарите – рече дека тоа е како „да се биде на брод што се фрла во разбранувано море“.
„Кога одите зад неа, можете да ја слушнете како крцка, така што звучи како стара запрега“, вели Мартин Оутс, кој помогна да се обнови кочијата и ќе седи во нејзиниот заден дел како кочничар. „Не е баш како машина за перење, но за разлика од другите возила кои се нишаат напред – назад, ова се ниша лево-десно“.
Златната кочија е толку тешка што може да се движи само со брзина на одење. Тоа ќе даде повеќе време за луѓето долж рутата да ги видат новокрунисаните крал и кралица.
Воените трупи кои ќе парадираат ќе ги поздрават кралот и кралицата во градините на Бакингемската палата, по што ќе следат три извици од припадниците на војската во знак на пристигнувањето на нивното кралско височество.
Извор: Асошиетед прес / НоваТВ