Магазинот „Тајм“ ја објави својата годишна листа на 100 највлијателни луѓе, меѓу кои е и актерката Џенифер Кулиџ.
Актерката неодамна доби Златен глобус за улогата во серијата „White Lotus“ во категоријата најдобра споредна женска улога. Неколку дена подоцна ја доби наградата на критичарите за истата улога.
Џенифер во интервју за споменатиот магазин се осврна и на претходните улоги и рече дека ѝ е многу драго што нејзината работа била препознаена.

„Апсолутно ми е збунувачки што ова се случува. Но, погодете што? Ми се допаѓа. Се чувствувам како да сум била затворена во кутија под креветот, а сега сум надвор. Мило ми е што ме пуштија да излезам од таа кутија, вака е многу подобро“, рекла актерката.
Кулиџ им дала совет и на помладите жени помалку да се грижат дали ќе бидат прифатени. И нагласила дека мора да го пронајдат својот пат.
„Постоеше огромен дел од мојот живот што го потрошив на обидите да најдам момчиња кои не ме сакаат, наместо само, знаете, да се грижам за работата и да работам на моите работи“, рекла актерката.

Покрај Џенифер Кулиџ, на листата на „Тајм“ за највлијателни луѓе се и Остин Батлер, Зои Салдана, Колин Фарел, Селма Хајек, Лионел Меси, Анџела Бејсет, Доџа Кет, Бијонсе, Бела Хадид, сопругата на Зеленски, Олена Зеленски…