Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека Коридорите 8 и 10Д ќе се изградат и ќе ги разочараат оние што не веруваат во најголемиот инфраструктурен проект во државава.
„Коридорите 8 и 10 Д ќе се изградат и ќе ги разочараме оние што не веруваат во најголемиот инфраструктурен проект во државава, а тоа се оние истите кои не веруваат дека ќе станеме членка на НАТО. Има потпишан договор на 400 страници во кои се дефинирани сите обврски, како наши, така и на изведувачот. Што се однесува до неговата тајност, ќе повторам дека сите договори кои се дел од работата на ЈПДП носат назнака за деловна тајна и доверливост, бидејќи содржат технологии на работа, структури на управување и поради заштита од конкуренцијата овие договори се такви“, рече премиерот Димитар Ковачевски.
Ковачевски додаде дека вчера Владата го овластила ЈПДП да го достави договорот до Јавното обвинителство и денес тој треба да биде разгледан од судските органи.
Дека проектот веќе стартува докажува и тоа што Јавното претпријатие за државни патишта веќе го објави огласот за вработување работници кои ќе работат на изградбата на четирите автопати.
Огласот е отворен до 25 април, а договорот е до 22 јануари 2028 година, до завршување на проектот.
Работното време е 40 часа неделно.
Најплатена позиција на огласот е помошник на главниот и одговорен координатор на проектот, кој треба да биде градежен инженер. За оваа позиција е предвидена плата од 70.052 денари со осумчасовно дневно работно време во прва смена.
/tv21/