Нова средба на Вучиќ и Курти на почетокот на мај во Брисел

Петер Стано, портпаролот на шефот на дипломатијата на ЕУ Жосеп Борел, објави дека Брисел, како посредник во дијалогот на Белград и Приштина како страни во дијалогот за нормализација на односите, формирале Заеднички одбор за надзор на спроведувањето на Договорот на патот кон нормализација и неговиот анекс за спроведување.

Одборот е формиран 30 дена по состанокот во Охрид на кој беше договорено дека двете страни го договориле планот за спроведување на договорот. Првиот состанок на тој одбор е предвиден „по следниот состанок во рамки на дијалогот на високо ниво, предвиден за 2 мај во Брисел“, кажа Стано.

Со заедничкиот надзорен одбор ќе претседава специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот на Белград и Приштина Мирослав Лајчак. Косово ќе го претставува амбасадорот во Брисел Агрон Бајрами, а Србија главниот преговарач Петар Петковиќ.

Борел по состанокот на крајот на февруари во Брисел објави дека Вучиќ и Курти постигнале согласност за текстот на договорот за нормализација на односите. Тој по состанокот во Охрид на 18 март објави дека е договорен план за спроведување на тој договор. Меѓутоа, ниеден од тие договори не е потпишан, а српскиот претседател Вучиќ веднаш најави дека не планира да ги спроведе сите делови на договорот за кој ЕУ тврди дека е договорен.