„За уставните измени работиме со нашите меѓународни стратешки партнери за да ги обезбедиме гласовите од 2/3 мнозинство“, изјави првиот вицепремиер Артан Груби во емисијата “Клан Дебата” на ТВ Клан Македонија.
Груби истакна дека никој не бара гласови или мислење од првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, бидејќи според Груби, тој не е ни пратеник.
„Ние од Мицкоски не бараме ниту глас, ниту мислење за оваа работа бидејќи тој не е ниту пратеник. Гледам нешто попроевропски дух кај некои пратеници од опозицијата кои можеби ќе гласаат за уставните измени. Имаше храбри пратеници од опозицијата и кога се промени името, верувам дека допрва ќе ги има. Изјавите на г-дин Мицкоски се празни колку и неговиот калашников на фотографијата. Поради него, не го враќаме времето од 2001 година, бидејќи ние не сме кираџии, ниту сме случајно овде, туку сме тоа што сме“, изјави Груби.