Во просториите на македонската амбасада во Тирана денеска се одржа работна средба меѓу амбасадорот Данчо Марковски и амбасадорката Одри Гловер, шефица на набљудувачката мисија на ОДИХР за локалните избори во Албанија, објавија од амбасадата. На средбата присуствувал и заменикот шеф на мисијата Стефан Краус а тема на разговорот биле претстојните локални избори во Албанија што ќе се одржат на 14 мај. Средбата исто така била искористена за размена на мислења околу подготвителните активности и дадените препораки од страна на ОДИХР за непречено спроведување на изборниот процес, согласно демократските вредности. – Амбасадорот Марковски во својство на претставник на соседна држава која е и актуелен претседавач со ОБСЕ, информираше за учеството на македонското национално малцинство во Албанија на изборите, како и за проблемите и очекувањата за подобрување на нивниот статус во следните изборни циклуси, се наведува во објавата. Се додава дека “заеднички е заклучено дека се очекува изборите да поминат во рамките на мирна и демократска атмосфера”. Инаку, на изборите во трка за градоначалник во општина Пустец се актуелниот Пали Колефски, предложен од Социјалистичката партија и поддржан од единствената македонска партија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ и Панди Јани, од Партијата на слободата која ја предводи коалицијата “Заедно победуваме”. МАЕИ со сопствена кандидатска листа за советници настапува во оваа општина, додека во други општини нејзини кандидати се на листите на Социјалистичката партија.