Слетувањето на првото приватно јапонско летало на Месечината заврши со неуспех

Компанијата „Испејс“ со седиште во Токио вчера направи храбар обид да слета вселенско летало на Месечината и стравува дека тоа завршило со несреќно слетување, пишува „Сајенс алерт“.

Леталото „ХАКУТО-Р М1“ најпрво се чинело дека се спушта на Месечината како што било планирано, но работите не се одвивале како што се очекувало. Од контролната соба изгледале доста напнати за време на преносот во живо, кој се прекинал по околу пет минути од почетокот.

Кога продолжил преносот, извршниот директор на „Испејс“, Такеши Хакамада изјави дека неговиот тим имал проблеми со слетувањето.

„Сепак, сега ја загубивме комуникацијата, па мораме да претпоставиме дека не можеме да го завршиме слетувањето на површината на Месечината“, рече тој. „Нашите инженери ќе продолжат да ја испитуваат ситуацијата, а потоа ќе ве ажурираме со дополнителни информации“.