-Создавајќи клима на сомнеж и недоверба, пред и да започне изградбата, пред да било кој има шанси да згреши и направи некое дело, и за тоа да прогласува виновник, тоа може да се должи само на деструктивност од невидени размери
/Коментар на редакција.мк/
Ви сте некако побркали лочниќе! Вака феноменалниот Никола Симиќ им се обраќа на своите во една сцена на урнебесната комедија „Тесна кожа“!
Вака некако, кога би биле на местото на Артан Груби, би им се обратиле на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, кои навистина изгледаа дека ги испобркале „тенџерињата“ во собраниската говорница, нафрлувајќи се на Првиот потпретседател на Владата, обвинувајќи го и дури заканувајќи му се со затвори, за дело кое тие претпоставуваат дека ќе го стори!
Ова е типично новокомпонирана тралалајка на оваа нова гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ, која станува се понервозна во својата самоизолација, а со тоа и се подеструктивна, загрозувајќи дури капитални инвестиции кои се од висок национален интерес.
Секој нормален би обвинил за сторено дело кое загрозило животи, кое наштетило некому, кое оштетило државен буџет и слично. Но е ненормално, надвор од секоја памет, да прејудицираш нечие дело. Ем да прејудицираш, ем да се закануваш како да си некој над законите, кога не важи поделбата на власти па си ја земаш правдата во свои раце, ем паша, ем кадија. Небаре како оној судијата на Пол Њумен на дивиот запад, „Судија за бесење“!
Уште понелогично да поведеш невидена хајка дури и по цена да спречиш еден проект кој најголема инвестиција досега во современата историја на независна Македонија.
Ако целта може да се претпостави со издигање над опозициската јаловост и очај, за што е крива самата партија, тогаш одбраната „цел“, во ликот на Првиот вицепремиер, некако им служи „вишенаменски“!
Но која е вистинската причина што не го „мирисаат“ многу Артан Груби?
Тоа може да се припише на различните позиции што ги имаат со ДУИ, па дури и непреболот од за изборот на ДУИ со кого ќе оди во коалиција, не сфаќајќи ја сопствената политичка филозофија и други дејанија кои доведоа до тоа. Покрај оваа, веројатно постои завист што ВМРО не е во позиција да го започне и ги реализира коридорите 8 и 10Д, кои можеа да бидат изградени за време на тие 10 години власт, кога Грујо и ВМРО забегаа на други проекти. Кој им е крив што се бавеа со градби на стиропор и споменици и новокомпонирање на национална историја со кои на светот му станавме смешни.
Или, има и друга причина, а тоа што ВМРО е сеуште заробеничка на сопствените заблуди дека на чело на еден така „тежок“ проект по значај, не може да биде еден министер Албанец, па оттука, можеше “таргет“ да биде било кој друг Албанец, можеби Бесими или Битиќи, можеби Крешник или Јетон, ако ќе стоеше на чело на тој проект. Можеби тука е клучот на хистеријата кон Груби?
Без разлика што можеби постои некаква оправданост на дејствување како опозиција, сепак дури ни тоа не може да биде причина да се измислува дело пред тоа да биде „сторено“, само затоа што ВМРО посакува така. Создавајќи клима на сомнеж и недоверба, пред и да започне изградбата на коридорите, пред било кој да има шанси да згреши и направи некој „престап“, и за тоа да се прогласува виновник, тоа може да се должи само на невидена деструктивност.
Или пак, ВМРО уште повеќе го боли вистината дека ова влада реализира проект од сништата, многу поразличeн од нејзината „градителска“ филозофија. А за сите дилеми, одговорот го добија од самиот Груби, пред стопанствениците на Стопанска комора, пред парламентот, на многуте интервјуа.
Кој разбира, разбира, кој не, бог нека му е на помош.
“Коридорска“ ВМРО-вска хистерија! | Редакција
|
