Расте свеста кај македонските граѓани за органодарителството. Последните неколку години направен е голем исчекор и во делот на трансплантологијата. Сепак, за да се изврши трансплантација на орган, мора да се исполнат низа етички, морални и професионални стандарди, но и да се почитува домашната законска регулатива. Дарител на орган може да биде само лице кое починало од мозочна смрт.
Треба да се докаже таа мозочна смрт. Тоа е потешкиот пат. Треба да има два клинички теста и едно параклиничко испитување за да биде тоа докажано. Откако ќе биде докажано, мора да се испита дали тој пациент носи некакви болести коишто може да му ги пренесе на реципиентот- изјави Маја Мојсова Мијовска, национален координатор за трансплантација.
Во Македонија има 3 програми за трансплантација, на срце, на коскена срж и црн дроб. Борче Минов од штипското граѓанско здружение „Храбро срце“ вели дека се задоволни од досегашната соработка со тимот за трансплантација на срце.
Последните 5 години има големо придвижување и во законодавството и во практичниот дел, во здравството. Направени се неколку успешни трансплантации. Тие 5-6 трансплантации кои досега се направени, пациентите се во добра состојба- изјави Борче Минов, ГЗ „Храбро Срце“ – Штип.
Постои и регистер на реципиенти кои чекаат трансплантација, кој не е јавно достапен, но Мојсова ги објаснува приоритетите на листата.
Најгоре на листата се пациентите кои се животно загрозени. Тие пациенти кои што добиваат срце, најчесто лежат на интензивно лекување на кардиологија и кардиохирургија, на коишто им се броени саатите и деновите. Тоа е приоритетот и втора работа, да не заборавиме, големината, крвната група, компатибилноста, не е толку едноставно, не може секое срце кај секого да отиде. – додаде Мојсова Мијовска
Македонија е мала земја и ограничен е бројот на компатибилни дарители, поради што тимовите работат со лимитиран капацитет.