Првиот потпретседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, поканет во емисијата “АРГУМЕНТ” на МРТ2, зборувајќи за законските измени предложени од пратениците во Собранието поврзани со изградбата на Коридорот 8 и 10 Д кажа дека ако се изгласаат законите, автопатот ќе чини над 150 милиони евра помалку и ќе биде завршен две години порано. /indeks.mk/
„Со овие закони, без овие закони ќе се гради автопатот. Разликата е во тоа што доколку се изгласаат овие закони, автопатот ќе чини над 150 милиони евра помалку и ќе биде завршен две години порано, односно ќе биде готов за 57 месеци. Верувам, дека до крајот на 2028 година ќе ги имаме готови сите патишта, но доколку продолжат овие блокади, изградбата на патиштата ќе трае уште две години“, истакна Груби во вечерашното интервју.
Тој нагласи дека вкупно осум закони се поднесени од пратениците и веќе се во собраниска процедура.
„За време на консултациите што ги имавме со нашите консултанти, некои беа од Хрватска, некои од Србија, од Црна Гора, кои имаа градежно искуство со конзорциумот „Бехтел и Енка“, согледовме потреба да интервенираме во некои наши закони за да се олесни изградбата на автопатиштата што придонесува и во намалување на трошоците. Вкупно 8 закони се поднесени од пратениците и тие се веќе во процедура. Едниот помина на Комитетот за економија, другиот е блокиран со 1100 амандмани, а 6 други се во Комисии предводени од кадри на ВМРО и Левица без воопшто да бидат повикани“, истакна Груби.