Османи-Кулеба: Македонија е 36-та земја која што се приклучи на формирањето Специјален трибунал за агресијата врз Украина

Македонија минатата недела стана 36-та држава која што се приклучи кон Основачката група за формирање Специјален трибунал за казнивост на кривичното дело агресија против Украина. Веста тогаш ја соопшти украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба со објава на Твитер.

– Го ценам тоа што нашите македонски пријатели ѝ се приклучија на нашата борба за правда. Поддршката за Специјалниот трибунал продолжува да се зголемува, напиша Кулеба.

За оваа одлука на Македонија денеска телефонски разговараа и министрите за андворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Кулеба.

Османи, како што соопшти МНР, информирал за одлуката Северна Македонија да се приклучи кон Основачката група за формирање Специјален трибунал за казнивост на кривичното дело агресија против Украина.

– Ваквиот чекор претставува уште една потврда за нашата континуирана поддршка за Украина во борбата за правда, слобода и споделените демократски вредности. Руската агресија мора што поскоро да престане, а извршителите на воените злосторства мора да бидат изведени пред лицето на правдата, изјавил Османи.

Исто така, Османи ја реафирмирал македонската цврста и бескомпромисна поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и упатил силна осуда за руската воена инвазија.

Според Османи, Северна Македонија има преземено низа чекори и мерки како одговор на руските воени дејствија. Исто така, тој ја нагласил и поддршката за украинскиот народ во справување со предизвиците од руската агресија.

МНР сооптши дека Османи и Кулеба разговарале и за активностите во рамки на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ, како и за актуелните безбедносни состојби во Украина и во Европа.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во септември лани формираше работна група која работи на прашањето за формирање специјален трибунал за судење на раководството на Руската федерација за агресијата врз Украина. Формирањето на таквиот трибунал доби поддршка од Парламентарното собрание на Советот на Европа, Парламентарното собрание на НАТО, Парламентарното собрание на ОБСЕ и одделни држави.