Груби: Пратениците да се откажат од блокади и да не ги поскапуваат автопатиштата со над 150 милиони евра пари на граѓаните

Владата на денешната седница донесе нови пет предог-закони за коридорите 8 и 10д кои ќе бидат доставени до Собранието со европско знаме. Како што соопшти првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, целта на новите законски решенија е побрза и поевтина изградба на коридорите.

„Увидувајќи ја очигледната блокада и заложништво на законите од страна на опозицијата и имајќи ги предвид интересите на граѓаните за брзо, поефективна и квалитетна изградба на автопатишатата, Владата на денешната седница усвои 5 предлог-закони кои што ги достави до пратениците.

Со оглед на фактот што Европската Унија го додаде на мапата на европските коридори и Коридорот 8 како и неговото геостратешко значење заедно со Коридорот 10 д и дека за овие закони подолго време во нашата јавност се води дебата и во Собранието и во Владата и во медиумите, одлучивме Законите да се предложат со европско знаме.

Ги замолуваме пратениците да се откажат од блокади и да не ги поскапуваат автопатиштата со над 150 милиони евра пари на граѓаните и да не ги загрозуваат националните и стратешки проекти само заради дневно-политичка агенда.
Од пратениците зависи дали ќе се гради побрзо и поевтино или поспоро и поскапо.
Ние сите заедно во Владата сме за опцијата поевтино и побрзо.“, истакна Груби.