Со европско знаменце против опозициската блокада на законите за „Бехтел и Енка“

Владата предлага со европско знаменце во Собранието да се носат измените на законите потребни за побрза и поевтина изградба на автопатите од Коридорите 8 и 10 д.

За изградба на автопатиштата Струга – Ќафасан, Прилеп – Битола и Тетово – Гостивар – Букојчани, пратеници претходно побараа измени на осум закони, но бидејќи тие се блокирани од страна на опозицијата, решивме да предложиме измена на пет закони, но со европско знаменце, изјави на 5 мај првиот вицепремиер и координатор за следење на работите за проектот за автопатиштата, Артан Груби.

„Со оглед на фактот што ЕУ го додаде на мапата на европски коридори и Коридорот 8, како и неговото геостратешко значење, заедно со Коридорот 10 и кракот 10Д, одлучивме законите да се предложат со европско знаме“, рече Груби.

Владата предлага со европско знаменце да се носат измени на Закон за работни односи, на Законите за градба, за урбанистичко планирање, за експропријација, и на специјалниот закон за автопатиштата што треба да ги гради американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка.

Освен измени на овие закони, пратениците претходно до Собранието предложија да се направат измени и на Законот за минерални суровини, кој веќе е усвоен на собраниска комисија, а за Законите за шуми и за земјоделско земјиште, Владата увидела дека нема потреба да се менуваат.

Една од спорните точки во Договорот е времетраењето на работната недела за оние кои ќе бидат вклучени во изградбата на автопатиштата.

Власта уверува дека предложените измени во Законот за работни односи се однесуваат само на проекти од стратешки и национален интерес. Оттаму велат дека станува збор за решение со кое градежните работници кои работат на ваков тип на проекти ќе добиваат надоместок од 50 отсто повеќе за секој час работа во недела и ќе добиваат надоместок за прекувремена работа за останатите прекувремени часови.

Владините функционери повторија дека овие законски измени не се однесуваат само за изградбата на Коридорите 8 и 10д, туку ќе важат и за сите постапки за изградба на патиштата, за железницата, за гасоводите, енергетските градби и други инфраструктурни градби од јавен и национален интерес.

Првиот вицепремиeр тврди дека предлогот да се носат измените со европско знаменце не значи дека „роковите ги газат“. Груби вели и дека во договорот нема конкретни рокови и не се предвидени „пенали“.