Десетици илјади луѓе се собраа во понеделникот во центарот на Белград и во неколку други градови на Србија на протестот „Србија против насилството“, реагирајќи на двете масовни убиства минатата недела во основно училиште во Белград и три села околу Младеновац.
На протест повика проевропската опозиција, но беше наведено дека собирот не е партиски митинг туку бунт против насилството во јавниот простор, медиумите и политиката.
Од собирот беше испратено барање итно да се запре промоцијата на насилството во медиумите и јавниот простор.
Учесниците на собирот побараа и одземање на националните фреквенции на провладините комерцијални телевизиски станици Пинк и Хепи, кои шират насилство и омраза во нивните „реални шоуа“и укинување на тој тип на програма.
Беше побарано и затворање на печатените медиуми и таблоидите кои промовираат омраза и насилство.
Се бара и разрешување на министерот за внатрешни работи Братислав Гашиќ и директорот на Безбедносно-информативната агенција Александар Вулин, со тврдење дека оставката што претходно ја поднесе министерот за образование Бранко Ружиќ е доказ дека „власта познава само притисокот на граѓаните“ и дека „неопходно е да се истрае додека не се исполнат сите барања“.
Учесниците на митингот „Србија против насилството“ започнаа тивка протестна прошетка од парламентот до зградата на Владата на Србија.
Собирот побара итно свикување на собраниската седница, за да се разгледа одговорноста на власта и безбедносната состојба.
Рокот за исполнување на сите барања на демонстрантите е до петок.
Протестни собири беа организирани и во Нови Сад, Крагуевац, Краљево и Чачак. Српскиот претседател Александар Вучиќ вечерва изјави дека очекувал на денешниот протест „Србија против насилството“ да слушне некои предлози, но дека „емоциите на луѓето биле злоупотребени“.
„Велат дека пред Собранието немало ни шест илјади, а на прошетката најмногу девет“, рече Вучиќ во емисијата „Кирилица“ на ТВ Хепи.
Тој рече дека како претседател на Србија побарал вакво нешто да не се организира, „не затоа што сум бил исплашен или загрозен, туку затоа што мислев дека тоа е лошо за земјата“.
„На крајот од сите предлози се се сведе на сува политика, ниту една секунда не се грижеа за иднината на нашите деца“, рече Вучиќ.
Во средата, 13-годишен ученик со пиштолот на својот татко уби осум соученици и чувар во основно училиште во Белград, а рани шест ученици и еден наставник.
Еден ден подоцна, во близина на Младеновац кај Белград, 21-годишен сторител со автоматска пушка уби осум, а рани 14 лица.