Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган води во првиот круг од изборите во Турција. Неговиот ривал, Кемал Киличдароглу, од секуларистичката Републиканска народна партија (ЦХП) се соочува со тешка борба да го спречи Ердоган да го продолжи своето дводецениско владеење со земјата членка на НАТО, на вториот круг од гласањето на 28 мај.
Во првиот круг на гласање на 14 мај, Ердоган освои малку под прагот од 50 отсто гласови потребен за да нема втор круг.
Народната алијанса, која ја сочинуваат партијата на Ердоган – партија за правда и развој (АК), која има исламистички корени и националистички партнери, се чини дека ќе освои мнозинство во новиот парламент, со освоени 321 пратеничко место од вкупно 600 колку што има во Парламентот. Со тоа дополнително се зголемуваат неговите шанси во вториот круг од претседателските избори.
„Победникот несомнено беше нашата земја“, рече Ердоган во говорот пред расположените поддржувачи во седиштето на неговата владејачка партија АК во главниот град Анкара во текот на ноќта.
Претседателот на турскиот Врховен изборен совет Ахмет Јенер утрото на 15 мај, изјави дека, врз основа на 99 отсто од отворените гласачки кутии, Ердоган добил 49,4 отсто од гласовите, Киличдароглу 44,96 отсто, додека третиот претседателски кандидат Синан Оган има 5,5 отсто од гласовите.
Броењето на гласовите продолжува.