Полицајци на ГП „Ќафасан“ примиле поткуп за да пропуштат автобус од Црна Гора без зелен картон, завршија во притвор

Во координација со јавен обвинител, полициските службеници се лишени од слобода и одреден им е 30-дневен притвор.

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против двајца полициски службеници од граничниот премин „Ќафасан“ оти побарале и примиле поткуп од 70 евра, за да пропуштат автобус со црногорски национални ознаки, кој не поседувал важечки зелен картон.

Во координација со јавен обвинител, полициските службеници се лишени од слобода и одреден им е 30-дневен притвор.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, полицаецот А.В. на 13 овој месец на граничниот премин „Ќафасан“ од возач кој управувал автобус со црногорски национални ознаки, за кој не поседувал важечки зелен картон, побарал и примил поткуп во паричен износ од 70 евра. Второпријавениот Н.С. потоа го пропуштил возилото без важечки зелен картон и му овозможил непречено да оствари влез на територијата на Република Северна Македонија.

Против полициските службеници, како што информираат од МВР, од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди ќе биде покрената постапка и за утврдување на дисциплинска одговорност, а полициските службеници ќе бидат суспендирани од работа до завршување на дисциплинската постапка.