(ВИДЕО) Масовни пропалестински протести низ европските метрополи: Примирје веднаш

Пропалестински демонстранти одржаа денеска протести во Лондон, Берлин, Париз, Анкара и Истанбул за да повикаат на прекин на огнот во Газа и да го критикуваат Израел, чија војска ги зајакна нападите врз палестинската исламистичка група Хамас.

Телевизиските снимки од Лондон покажаа големи групи луѓе како седат на под и блокираат делови од центарот на градот пред да се упатат кон плоштадот Трафалгар.

Демонстрантите носеа натписи „Слобода за Палестина“ и извикуваа „Примирје веднаш“ и „Илјадници, милиони од нас, сите ние сме Палестинци“.

Полицијата соопшти дека привела единаесет лица. Едно лице е уапсено поради држење на транспарент што може да поттикне омраза, со што е прекршен законот за тероризам.

Илјадници луѓе маршираа низ центарот на Париз, каде повикаа на прекин на огнот со натписи „Стоп за насилството“ и „Да не се прави ништо, да не се каже ништо значи да се биде соучесник“.

Тоа беше еден од првите големи пропалестински собири што беа дозволени во Париз по нападот на Хамас на 7 октомври.

Француските власти забранија некои претходни пропалестински протести поради загриженоста за јавниот ред и мир.

„Денес дојдовме да ја покажеме француската солидарност со палестинскиот народ и нашата поддршка за мир, за мирно решение со двете држави, израелската држава и палестинската држава“, рече 30-годишниот Антоан Гереиро, државен службеник.

Демонстрантите во Берлин вееја палестински знамиња и бараа примирје. Една жена се движеше со крената рака, намачкана со вештачка крв.

Стотици демонстранти се собраа во Истанбул и Анкара, еден ден пред посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Турција поради разговори за Газа.

Демонстрантите во паркот Сарачане во Истанбул носеа транспаренти на кои пишуваше „Блинкен, учесник во масакрот, излези од Турција“, покрај фотографијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху со Блинкен и голема црвена буква „Х“.

„Деца умираат, бебиња умираат, ги бомбардираат“, рече 45-годишната учителка Гулсум Алпај.

Снимката од Анкара покажува дека демонстрантите собрани во близина на американската амбасада извикуваат слогани и држат транспаренти на кои пишува: „Израел бомбардира болници, (американскиот претседател Џо) Бајден плаќа за тоа“.

Г. Т.