featured

Беше страшно, едвај извлеков жива глава“, сведоштво на тетовец нападнат од глутница кучиња среде бел ден

Беше страшно ми го соборија јадењето на земја, за голема среќа тоа и им го одвлече вниманието, инаку ќе бев парчосан, вели тетовецот Стојче Делевски кој како што сведочи пред камерата на „Слободен печат“ бил нападнат од дваесетина кучиња скитници.

Тој носел храна за постар човек и поминувајќи покрај тенискиот терен, локацијата од поранешниот спортски центар бил забележан и нападнат од бездомните животни. Храната што ја носев ме спаси, раскажува тој.

„Одејќи по патчето кај фудбалскиот и тенискиот терен кај поранешниот спортски центар ми се пуштија група од околу 20 кучиња, тоа беше страшно. Толпа на кучиња шарпланинци, загари, скитници, и ако те фатат тие за нога ќе те парчосаат. Најново што разбрав е дека каснале дете. Пријавено е на 112, јас лично пријавив. Јас сум шумски полицаец и треба да се преземе нешто оти ќе каснат и други лица. Рипав во височина, носев јадење во раката за постар човек и ми се истури на земја јадењето, подобро е што се истури на земја им се одвлече вниманието, почнаа кучињата да јадат и не ме каснаа, едвај се извлеков. Треба да се преземе нешто оти сите сме родители, во спротивно ќе мораме да се организираме, самите да преземеме и да најдеме чаре да ги фатиме во зоолошка да ги носиме или било што“, вели тетовецот Стојче Делевски.

Сега локалната власт пак ветува дека е на повидок решавање на проблемот со кучињата скитници, а за таа цел веќе се одобрени средства од буџетот на општината.

„Ова е сериозен проблем ние одвоивме средства за оваа намена, се работи за околу 4 милиони денари за изградба на стационар за третирање на кучињата. Отворена е јавна набавка и фирмата која ќе го добие тендерот ќе работи на решавање на проблемот. Оваа година ќе биде решен проблем“, информираа од Општина Тетово.

Општинските власти во неколку наврати се правдаа дека се носат кучиња скитници од другите општини во Тетово, затоа бројката на бездомни животни во Тетово од ден на ден расте. Оттаму најавија дека во соработка и координација со државните власти, ќе изнајдат и начин за заеднички пристап и решавање на проблемот.