featured

Лекар пронајден мртов пред поликлиниката „Железара“, МВР и ОЈО го завршија увидот, се прегледуваат камерите

Шеесет и седум годишен лекар со девет убодни рани по телото бил пронајден мртов во неговиот автомобил на паркингот во близина на поликлиниката Железара синоќа.

Како што соопштија од полицијата, го пронашле неговите синови, кои почнале да го бараат откако тој не се вратил дома од работа. Лекарот имал ординација како матичен семеен лекар во поликлиниката „Железара“.

– На 21.03.2024 во 23.09 часот во СВР Скопје било пријавено дека во сопственото возило „киа“ со скопски регистарски ознаки, на паркинг пред поранешната клиника Железара, со убодни рани по телото бил пронајден А.Т.(67) од Скопје. Според пријавеното, тој бил пронајден од неговите синови, кои почнале да го бараат откако не се вратил дома од работа. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. – велат од МВР.

Лекар од Итна медицинска помош на лице место констатирал смрт, а по наредба на јавен обвинител телото е дадено на обдукција.

Кој го убил докторот и кои се мотивите зад убиството, истражните органи треба допрва да утврдат. Од обвинителството велат дека работат на целосно расчистување на настанот. Инаку станува збор за лекар кој колегите го опишуваат како голем професионалец почитуван и од соработниците и од пациентите.