featured

Макрон: Франција ќе предложи нова резолуција за прекин на огнот во Газа

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека земјата ќе работи на нацрт на нова резолуција за прекин на огнот во Газа, откако Русија и Кина ставија вето на американската во Советот за безбедност на Обединетите нации.

„По ветото на Русија и Кина пред неколку минути, ќе продолжиме да работиме во Советот за безбедност на ОН врз основа на француската нацрт-резолуција и ќе работиме со нашите американски, европски и арапски партнери за да постигнеме договор“, рече Макрон а пренесе Ројтерс.

Министерството за надворешни работи на Франција во четвртокот соопшти дека почнало да работи на нацрт со дипломати, доколку американскиот не помине.

За предлогот на американската резолуција гласаа 11 членки на Советот за безбедност, додека Русија, Кина и Алжир беа против, а Гвајана беше воздржана.

Во американската нацрт-резолуција се наведува дека „императив е итен и траен прекин на огнот во војната меѓу Израел и Хамас во Газа“, без директна врска со ослободувањето на заложниците земени од Хамас за време на нападот врз Израел на 7 октомври.