featured

О’Брајан: Приштина мора да го исполни она што се бара од неа

Џејмс О’Брајан, помошник-секретар на Бирото за европски и евроазиски прашања при американскиот Стејт департмент, истакна денеска дека ако Приштина сака да стане членка на меѓународните организации, мора да го исполни она што се бара од неа, меѓу другото, и да ја основа Заедницата на српските општини.

Говорејќи на онлајн прес-конференција, тој рече и дека одлуката за враќање на имотот на манастирот Високи Дечани требало одамна да се спроведе.

„Посакуваме да не поминеше толку долго време за да се случи тоа бидејќи се работи и за заштита на историјата на Косово и заедницата што живее таму“, рече О’Брајан.

Тој додаде дека еден од условите за членство на Приштина во Советот на Европа е формирањето на Заедницата на српските општини и посочи дека е договорено да се продолжи со тоа.

„Тоа е клучен елемент за Приштина да го добие она што го вели дека го сака, а тоа е членство во меѓународното тело. И затоа тие само треба да продолжат и да го направат тоа. А тоа се оние тешки одлуки што треба да ги донесат владите. А ние ќе ги поддржиме додека носат тешките одлуки потребни за приклучување кон европската и кон меѓународната заедница“, рече тој.

Кога станува збор за регулативата на Централна банка на Косово за динарот, О’Брајан рече дека специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, презентирал низа многу конкретни идеи и дека тој лично верува оти е од суштинско значење да не се дозволи граѓаните да бидат во тешка ситуација.

„А гледаме на северот на Косово дека е многу тешко за многу поединци да ги купат работите што им се потребни за секојдневен живот. Габриел Ескобар отпатува главно за да се увери во ситуацијата. И она со што се вративме е чувството дека оваа уредба се спроведува на начин што им отежнува на граѓаните на Косово да се справат со секојдневниот живот. Тоа не е компетентна или ефикасна влада. Затоа би сакале оваа регулатива сега да се ревидира, да се имплементира на начин што им овозможува на луѓето да плаќаат за стоките што им се потребни во секојдневниот живот“, рече тој.

О’Брајан рече и дека верува оти иднината на целиот регион е во ЕУ и оти е свесен дека сите земји од Западен Балкан се согласни дека сакаат да бидат дел од европската заедница.

Тој истакна и дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, бил јасен кога рекол дека иднината на Србија ја гледа во Европа, почнувајќи од единствениот пазар и дека јасно ставил до знаење оти разбира дека тоа повлекува потреба од одредени реформи.

„Веќе се водат дискусии за промена на начинот на извршување на некои плаќања и начинот на постапување со царините за да може стоката да се движи побрзо“, рече тој.

Зборувајќи за НАТО агресијата на СРЈ во 1999 година, О’Брајан го повтори тврдењето дека нејзината цел била да се запре наводното насилство и да се обезбедат целосни права на граѓаните на Косово.