featured

Брисел даде зелено светло за отворање на преговорите за членство на БиХ

Лидерите на државите-членки на ЕУ вечерва во Брисел дадоа „зелено светло“ за отворање на преговорите со Босна и Херцеговина за членство во Унијата, пренесува „Блиц“.

Одлуката донесена на Самитот на ЕУ се заснова на писмениот извештај на Европската комисија во кој се препорачува отпочнување на пристапните преговори со БиХ.  ЕК минатата недела констатираше во извештајот дека Босна и Херцеговина доволно ги исполнува условите за почеток на долгиот пат кон членство во Европската Унија.

„Историска одлука на ЕС за Босна и Херцеговина! Европскиот совет го одобри отворањето на преговорите меѓу нашата татковина и ЕУ. Благодарност до сите европски лидери, особено до Андреј Пленковиќ, и искрени честитки до сите кои придонесоа со својата работа, особено на Борјана Кришто,“ рече лидерот на ХДЗ Драган Човиќ.

И лидерот на Република Српска, Милорад Додик, ја поздрави одлуката на Европскиот совет за почеток на преговори меѓу БиХ и ЕУ.

„Им благодарам на владите и парламентите на сите земји членки.Таа одлука е признание за сите граѓани и политички сили кои упорно се стремат кон зајакнување на меѓусебното почитување, договор и компромис меѓу Србите, Бошњаците и Хрватите. Оваа одлука ги зацврстува темелите кои Република Српска е подготвена да ги зацврсти – Дејтон и изградена врз Уставот на Босна и Херцеговина, кој им припаѓа подеднакво на сите. Затоа денешната одлука ја сметам за големо признание и за себе и за Република Српска за политиката што ја водеше“, рече Додик.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во пост на платформата „Х“ напиша: „Европскиот совет штотуку одлучи да ги отвори пристапните преговори со Босна и Херцеговина. Честитки!”

„Вашето место е во нашето европско семејство. Денешната одлука е клучен чекор напред на вашето патување кон ЕУ. Сега треба да продолжиме со напорна работа за Босна и Херцеговина да може стабилно да напредува, како што сака вашиот народ“, додаде тој.

Земјите кои првично беа скептични за напредокот на БиХ, како што е Холандија, не протестираа против одлуката, но јасно е дека земјата ќе мора да направи сериозен напредок во внатрешните реформи пред да го направи следниот чекор во пристапниот процес.

Холандскиот премиер Марк Руте по пристигнувањето на самитот на Европскиот совет рече дека го поддржува предлогот на Европската комисија за отворање на пристапните преговори со БиХ, но дека земјата мора да направи повеќе за да постигне договор во ЕУ во врска со усвојувањето на преговарачката рамка за таа земја.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека откако БиХ доби кандидатски статус во декември 2022 година, направила „импресивни чекори“ во европската интеграција, пишува „Ал Џезира Балканс“.

„ За нешто повеќе од една година е постигнат поголем напредок отколку претходно за десет годин. Прво, БиХ сега е целосно усогласена со нашата надворешна и безбедносна политика, што е клучно во овие времиња на геополитички превирања. Второ, државата донесе важни закони како законот за спречување судир на интереси, кој беше во застој седум години и законот за спречување на перење пари и финансирање тероризам “, рече Фон дер Лејен.

Босна и Херцеговина аплицираше за членство во ЕУ во февруари 2016 година, а кандидатски статус ѝ беше доделен во декември 2022 година.

На состанокот во декември 2023 година, лидерите на земјите од ЕУ дадоа „зелено светло“ за отворање на пристапните преговори со Украина и Молдавија откако тие земји ги презедоа важните чекори наведени во извештајот за проширувањето на ЕК од 8 ноември 2023 година. Лидерите, исто така, изразија подготвеност да ги отворат пристапните преговори со БиХ кога критериумите за членство ќе бидат исполнети до потребната мера.

Новиот нацрт објавен за проширувањето е малку построг за следните чекори во процесот на пристапување. Според новиот текст, лидерите ја повикуваат „ЕК да подготви рамка за преговори со цел таа да биде усвоена од Советот во моментот кога ќе бидат преземени сите релевантни чекори споменати во препораката на Комисијата од 12 до 22 октомври“.

Во исто време, новиот нацрт е попозитивен за следните чекори за Украина и Молдавија, како што побара Литванија. Кога станува збор за преговарачката рамка за овие дбе земји, лидерите се подготвени да го повикаат Советот „брзо да ги усвои и да продолжи со работа без одлагање“.

Сепак, новиот нацрт не посочува конкретен момент за усвојување на преговарачката рамка, како што првично бараа украинските поддржувачи.