featured

Бугарскиот министер за надворешни работи: Не е постигнат договор за формирање нова влада

Бугарската министерка за надворешни работи Марија Габриел од централно-десничарската партија ГЕРБ денеска изјави дека не е постигнат договор за формирање на нова влада со партијата Ја продолжуваме промената (ПП).

„Разговаравме три дена. Ние сме против новото условување“, рече Габриел на прес-конференција, пренесува Ројтерс.

Таа рече дека преговорите пропаднале поради барањата на ПП која ја бара функцијата министер за внатрешни работи, додавајќи дека утре ќе испрати писмо до Собранието дека ја повлекува кандидатурата за премиер.

„ГЕРБ нема да учествува во преговорите по втор пат“, посочи Габриел.

Доколку другиот кандидат за премиер од двете најголеми партии не успее да формира влада, претседателот на Бугарија, Румен Радев, мора да назначи кандидат од друга партија.

ГЕРБ и прозападниот блок на чело со партијата „Ја продолжуваме промената (ПП)“, чиј лидер е Николај Денков, минатата година се договорија Габриел да ја преземе премиерската функција, откако Денков ќе го заврши својот деветмесечен мандат, наведува агенцијата.

На изборите во април минатата година, ГЕРБ освои 69 пратенички мандати, додека коалицијата предводена од партијата „Ја поддржуваме промената“ освои 64 од вкупно 240 места во бугарскиот парламент.