featured

ДУИ Гостивар до Таравари: Колкав е долгот на општината, колку фиктивни вработувања има, кој добива тендери од милион евра?

Огранокот на ДУИ во Гостивар јавно упати неколку прашања до градоначалникот Арбен Таравари, за кои велат дека инсистираат да добијат одговор.

„Колку се зголеми долгот на општината за седум години од вашата влада? Колку е долгот на трите Јавни претпријатија? Знаеме колку е долгот, но нели е добро гостиварчани да го слушнат тоа од вас? Колкав е бројот на договори за привремени вработувања во општината и јавните претпријатија. Колку луѓе земаат плата, а не одат на работа? Колкав е бројот на фиктивни вработувања направени во периодот по распишувањето на изборите?  Кои се фиктивните фирми со по еден вработен кои добиваат тендер од милион евра од општината. Знаеме, и секој ден ги гледаме нивните сопственици како стојат до вас, пред или зад вас. Нели е добро да кажете за кого се работи и каков семеен однос имате со нив. Вие сте единствениот градоначалник кој интервенирал во простор на градскиот парк со градење катни гаражи, дали е вистина дека тоа е само подготвка за трговски центри и колективни згради?“, истакна пратеничката Арта Билали Зендели од партиското седиште на ДУИ во Гостивар.

Од ДУИ нагласуваат дека доколку не добијат одговор од Таравари, тие самите ќе одговорат со, како што велат, изнесување факти и официјални документи за дилемите што ги поставуваат.