featured

Лојд Остин: Бројот на цивилни жртви во Газа е превисок, а ситуацијата уште повеќе се влошува

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин денеска изјави дека морален и стратешки императив е да се заштитат животите на палестинските цивили во Појасот Газа и дека хуманитарната катастрофа што се случува таму се влошува.

Остин зборуваше на почетокот на средбата со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант во Пентагон, во време на најстудените односи меѓу американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Бројот на цивилни жртви е превисок, количината на помош е премногу мала. Денес во Газа бројот на цивилни жртви е превисок, а количината на хуманитарна помош е премала“, рече Остин седејќи спроти Галант.

„Газа доживува хуманитарна катастрофа, а ситуацијата уште повеќе се влошува“, продолжи американскиот министер.

Во израелските напади врз палестинската енклава досега загинале повеќе од 32 илјади Палестинци, соопштија локалните власти.

Екстремниот недостиг на храна доведе до опасност од глад 2,4 милиони луѓе.

„Потребно ни е итно зголемување на помошта за да избегнеме гладување“, рече Остин.

Израел е бесен што САД, кои имаат право на вето во Советот за безбедност, се воздржаа од гласање за резолуција со која се повикува на „итно“ прекинување на конфликтот во Газа.