featured

Руските разузнавачи спречиле терористички напад, напаѓачот мртов

Руската Федерална служба за безбедност во Самарската област спречила денеска терористички напад што го планирал соработник на Рускиот доброволечки корпус по  налог на украинските специјални служби, пренесуваат руските медиуми.

Според ФСБ, осомничениот напаѓач планирал да детонира импровизирана експлозивна направа во зградата во која се наоѓа центарот на една волонтерска организација што таму прима хуманитарна помош.

Во текот на акцијата за апсење, импровизираната бомба експлодирала и го усмртила напаѓачот, потврдуваат од ФСБ, додавајќи дека притоа не биле повредени нивни припадници ниту цивили.

„Руски државјанин роден во 1994 година, од 2022 до 2024 година јавно ја дискредитирал руската армија. Во септември 2023 година бил регрутиран од украинската специјална служба со посредство на еден од активистите на Рускиот доброволечки корпус – Александар Кудашев, роден во 1982 година. Тој тогаш се согласил да организира и да изврши саботажа во Самарската област,“ се наведува со соопштението од ФСБ.

На адресата на престој на осомничениот била пронајдена лабораторија во која ја изработил импровизираната бомба, компоненти за неа и уште една импровизирана експлозивна направа подготвена за употреба.

На неговиот телефон била пронајдена преписка со водачот на терористите и материјали кои ја потврдуваат вмешаноста на претставникот на Рускиот доброволечки корпус во терористики активности што се кооринирани од украинските специјални служби.

Рускиот доброволечки корпус е прогласен за терористичка организација во Русија и против него е отворена истрага врз основа на елементите на злосторство предвидени со Кривичниот законик на Руската Федерација.