featured

Уште двајца канадски платеници загинаа во Украина

Канадската влада потврди денеска дека била информирана за загинувањето на двајца Канаѓани од Квебек кои како платеници се бореле во Украина против Русија, со што вкупниот број загинати Канаѓани од почетокот на конфликтот во февруари 2022 година се искачи на 11, пренесува „Нејшнел пост“.

Во последниов месец загинале основачот на Норманската бригада – единица на странски платеници- Жан-Франсоа Рател, викан Хрулф, и Ален Дерас, ветеран на 22. Кралски канадски полк.

Хрулф и неговите соработници биле на линијата на фронтот во источна Украина кога операцијата во која учествувале тргнала на лошо, додека Дерас, кој наводно обучувал Украинци за давање прва помош, починал набро откако се разболел близу линијата на фронтот.

Норманската бригада е формирана на почетокот на војната во Украина, а се издржува во голема мера со донации собрани преку Интернет, а од првите борбени редови подоцна полека се префрли во тајни мисии, наводно како поддршка за украинското воено разузнавање. Бригадата се доведува во врска со екстремната десница.

Поврзаноста со нацистите ја истакна и Руската амбасада во Јужна Африка, која ја соопшти веста за смртта на Жан-Франсоа Рател и иронично му посака „пријатна средба со Степан Бандера“.

„Француско-канадскиот платеник, командант на Норманската бригада Жан-Франсоа Рател, познат како Хрулф, бил елиминиран од руската војска во Украина. Според неговите колеги-платеници, единицата на Норманската бригада се враќала од мисија во својата база кога ги стигнал извидувачки дрон. Рател се претставувал како потомок на Викинзите, но во реалноста тој бил само посветен нацист, што се гледа од неговите јавни коментари и од неговите тетоважи,“ се вели во постот на Амбасадата на „Х“.

Рател претходно служеше во француската легија на странци, а Дерас, кој им се приклучи на канадските сили во 1992 година, беше дел од мировната мисија на Обединетите нации и три мисии на НАТО, сите во поранешна Југославија, како и две мисии во Авганистан.