featured

Хамас апелираше да се престане со испраќање помош за Газа од воздух

Палестинското исламистичко движење Хамас, кое владее со Појасот Газа, денеска апелираше до странските земји да престанат да фрлаат помош за Газа од авион, бидејќи официјални лица и хуманитарни работници соопштија дека 18 лица загинале обидувајќи се да пресретнат пакети со храна на северот од територијата.

Наместо тоа, Хамас бара Израел да дозволи повеќе камиони со помош да влезат во опколениот Појас во време кога ОН предупредуваат дека населението таму е на работ на глад поради израелската блокада.

Борбите во Газа продолжуваат со несмалено темпо еден ден по усвојувањето на првата резолуција на Советот за безбедност на ОН со која се бара „итен прекин на огнот“ во најкрвавата војна во Газа предизвикана од нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври минатата година.

Јордански, американски и други авиони фрлаат храна со падобран, иако официјални лица и агенции на ОН предупредија дека таквата помош не е доволна за да ги задоволи потребите на 2,4 милиони луѓе и е далеку понеефикасна од копнената испорака.

Јордански, египетски, емиратски и германски авиони денеска повторно со падобран исфрлија храна и друга помош од авионите, а Палестинците трчаа да ја фатат.

При вакви испораки шест лица загинаа во грабеж, а 12 се удавија во Средоземното Море – соопштија од владата на Хамас и Евро-медитеранскиот монитор за човекови права со седиште во Швајцарија.

Во соопштението Хамас побара таквите операции веднаш да престанат и итно и брзо да се отворат копнените премини за да се овозможи хуманитарна помош да стигне до палестинскиот народ.