featured

„Џејмс Веб“ им ја честита Новата 2024 година на љубителите на Вселената со нови фотографии

На самиот почеток од 2024 година, вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ ги почести љубителите на Вселената со низа нови слики од бесконечноста зад хоризонтот. Американската Национална воздушно-вселенска администрација – НАСА, канадската КСА и европската агенција ЕСА ги објавија снимките.

Кога „Џејмс Веб“ беше лансиран на Божиќ 2021 година, се веруваше дека ќе бидат потребни најмалку 10 години работа за првиот минимум. Телескопот има сопствено гориво со кое ја одржува станицата на 1,5 милиони километри од Земјата, а сепак, летот и поставувањето на сателитот во Земјината Орбита бил толку прецизен, така што сега се проценува дека има резерви на гориво за 20 години работа. Тоа значи дека астрономите можат да си дозволат подолгорочен стратешки пристап кон нивната работа, објави Би-би-си.

Научничката Ема Кертис Лејк го споредува со телескопот „Хабл“.

– Мислам дека нема да ни требаат стотиците часови изложеност (на непотребни влијанија, б.п.) како со „Хабл“, но можеби ќе ни треба подлабока анализа. Веќе гледаме многу варијации. Така што не може да ставиме сè во една мала област бидејќи нема гаранција дека ќе најдеме нешто супер-возбудливо, вели Лејк.

Масимо Стијавели од Италија – еден од научниците вклучени во проектот, истакнува дека сонува да забележат ѕвезда „со потпис“ на Големата експлозија.

– Ќе треба да ги гледаме како супернови, кога ќе експлодираат. За да го постигнеме ова, треба да почнеме да ги гледаме истите закрпи од година во година за да ги фатиме пред да исчезнат. Тие ќе бидат исклучително ретки и ќе треба да имаме многу среќа во процесов, објаснува Стијавели.

Кога станува збор за колекцијата фотографии – тие имаат опсег од добро познатите тела во нашиот Сончев Систем до најоддалеченото катче на Универзумот.

Меѓу другото, тука е и големата планета Јупитер, далечни галаксии како што е Вител, молекуларни облаци оддалечени 630 светлосни години од Земјата, но и центарот на нашата галаксија, односно познатата супермасивна црна дупка.