featured

Почна состанок во Советот на Европа: Се разговара за извештајот Бакојани и барањето за членство на Косово

Во Париз почна состанокот на Парламентарното собрание на Советот на Европа на кој ќе се разгледува извештајот на Дора Бакојани.

„Во тек е денешниот состанок во Париз за разгледување и усвојување предлог-мислење за барањето на Косово за членство во Советот на Европа,“ се вели во постот на ПССЕ на „Х“.

Денешниот состанок на Комитетот за политика и демократија во Париз се одржува за разгледување и усвојување предлог мислење за барањето на Косово за членство.

Во пресрет на состанокот во Париз, Бесник Тахири, пратеник на „Алијансата за Иднината на Косово“, оцени дека Косово е на добар пат кога станува збор за членството во СЕ.

Тахири изрази уверување дека ќе има кворум и дека извештајот ќе биде испратен на априлската седница.

„Се наоѓаме пред зградата на Советот на Европа, каде денеска се очекува гласање за извештајот за Косово за членство, се очекува да има кворум, а во исто време да се гласа и да се испрати извештајот до априлската седница. Ова е само првиот чекор, на добар пат сме, но ни треба уште работа“, рече Тахири.

Официјален Белград го нарече одржувањето на седницата во Советот на Европа „фестивал на лицемерието и лакрдијата кога е во прашање меѓународното јавно право“, а во неколку наврати повторуваше дека Србија ќе ја напушти организацијата ако Косово стане членка.

За да може Приштина да стане дел од СЕ, мораше да исполни три услови – да го врати земјиштето на манастирот Високи Дечани, да формира ЗСО и да престане со експропријација на имотот во српските општини.