featured

Човиќ: Шмит непотребно наметнува измени на Изборниот закон

Претседателот на ХДЗ БиХ, Драган Човиќ, смета дека одлуката на Високиот претставник Кристијан Шмит да воведе измени во Изборниот закон на БиХ е целосно непотребна и неприфатлива и дека може да има несогледливи последици за интеграциските перспективи и за европската иднина на Босна и Херцеговина.

Во интервју за „Фена“, Човиќ нагласува дека ваквата постапка на ОХР целосно ги негира неодамнешните позитивни извештаи на Европската унија кон БиХ, во кои беа нагласени позитивните резултати на извршната и на законодавната власт во БиХ во изминатата година.

„Високиот претставник без никаква потреба наметнува 114 измени на Изборниот закон со кои се поништуваат сите позитивни ефекти на нашиот европски пат. Со ова наметнување се компромитираат сите досегашни позитивни ефекти на парламентарното мнозинство и се доведува во прашање нивната идна заедничка работа. Последиците од ваквите наметнувања во овој момент можат да бидат несогледливи за интеграциските перспективи и за европската иднина на БиХ. Ги повикуваме ОХР и членовите на ПИК да ја разгледаат оваа одлука и сеопфатно да ги разгледаат нејзините последици,“ нагласи Човиќ.

Тој изрази загриженост поради изјавите на политичките лидери во врска со овие наметнати одлуки во кои јасно се чита видливо отстапување од досега утврдените заеднички позиции, а што е најлошо, „се препознава јасна поделба на национална основа“.

За одлуката на ЕУ за отворање на пристапните преговори, Човиќ вели дека тоа е секако историски момент. Тој, исто така, додава дека одлуката за отворање на пристапните преговори создава нова рамка и дека веќе не е можно да има простор за дејствување на Високиот претставник  како протектор и коригирање на она што го прават законодавната и извршната власт на сите нивоа. Преговарачкиот процес, вели тој, не оди најдобро со ваквите постапки на ОХР.

„Ова апсолутно ја покажува недоследноста и кај нас во БиХ и кај нашите партнери од меѓународната заедница кон нашите пријатели од ЕУ кои не предупредија за нашата подготвеност за преговори. Наметнувањето им оди во прилог да кажат дека биле во право и дека не сме го достигнале нивото на демократија сами да си носиме одлуки. Неговото присуство меѓу нас е добредојдено како коректив во смисла на привлекување внимание на тоа дека сме направиле или не некои работи, но никако за да ја врѓи таа работа место нас. Многу повеќе простор треба да се троши во координација со нас, а не во наметнување решенија“, истакна Човиќ.

Владејачките партии, вели, треба да покажат дека можат да ги донесат потребните закони преку парламенот и дека нема причина за надворешна интервенција. Човиќ додава дека мора да се направи внатрешен договор, барем за оние елементи од изборната реформа кои се прифатливи за сите страни.