featured

Германски експерти: НАТО не би можел да го примени Член 5 во Украина

Стручниот совет на Бундестагот дошол до заклучок дека Член 5 од основачкиот договор на Алијансата за заедничка одбрана не може да се повика во ситуација кога една од земјите на блокот испраќа војници во Украина и последователен руски напад врз нив, пренесува ДПА.

„Ако единици од армијата на земја-членка на НАТО во вршење колективна самоодбрана (Член 51 од Повелбата на ОН) учествуваат во тековниот конфликт (меѓу Русија и Украина) во корист на Украина, и за време на воените операции во зоната на конфликтот се нападнати од другата страна на конфликтот (Русија), тогаш тоа нема да стане основа за примена на Член 5 од Договорот за НАТО“, соопшти агенцијата, цитирајќи извадоци од извештајот на стручниот совет на Бундестагот што допрва ќе биде објавен.

Како што оценуваат експертите, членот кој предвидува можност за колективен одговор на НАТО може да се користи само ако таков конфликт се случи на територијата на земјите од Алијансата. Според нив, влезот на француските војници во Украина би бил прифатлив, но тоа не би значело дека сите други земји од НАТО автоматски ќе станат страни во конфликтот.

Во фамозниот Член 5 од договорот за НАТО стои дека ако биде нападната една членка на НАТО, сите останати членки се должни да помогнат за да се одбрани таа членка.

Тој член досега бил активиран само еднаш, по терористичките напади на 11 септември 2001 година во Њујорк, Вашингтон и Пенсилванија од страна на Ал Каеда.

Алијансата тогаш објави дека нападот врз САД е напад врз целата Алијанса. Членките на НАТО им помогнаа на СAD во борбата против тероризмот и окупацијата на Авганистан од страна на воената мисија на НАТО.

За НАТО, првата реченица од Членот 5 е најважна, што е гаранција дека ќе ѝ се пружи помош на нападнатата членка, додека во завршната одредба се наведува дека Советот за безбедност на ОН мора итно да биде информиран за мерките за одржување на мирот и безбедноста.

Ако НАТО преземе какви било чекори против Русија, ќе мора да ја пријави акцијата до Советот за безбедност, но бидејќи Русија е постојана членка на Советот за безбедност, има право на вето.