featured

Зеленски разреши неколку блиски соработници, меѓу кои и првиот помошник

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денеска разрешил неколку блиски соработници, меѓу кои и неговиот прв помошник Серхи Шефир, објавија украинските медиуми.

Шефир беше назначен за прв помошник на Зеленски во 2019 година. Зеленски разрешил и тројца негови независни советници – Олех Устенко, Серхиј Трофимов и Михаил Радучки, пренесува „Униан“.

Разрешени се и Наталија Пушкарјова, надлежна за волонтери на претседателот и Олена Вербичка, надлежна за заштита на правата на воениот персонал.

Кабинетот на Зеленски се уште нема дадено објаснување за последните промени во широкото кадровско прегрупирање на администрацијата на претседателот на Украина во последните месеци.

Олексеј Данилов, кој беше секретар на Советот за национална безбедност и одбрана, беше разрешен во вторникот, а Валериј Залужни, кој беше разрешен од функцијата шеф на украинските вооружени сили на 8 февруари, беше назначен за амбасадор на Украина во Велика Британија на почетокот на март.