featured

Ослободени тројца заложници, драмата во Холандија се уште трае

Холандската полиција соопшти дека се ослободени тројца заложници кои биле држени во кафуле во холандскиот град Еде, но дека заложничката ситуација се уште трае и дека неколку лица се уште се внатре.

„Кризата сè уште не е завршена“, се вели во полициското соопштение, а пренесува холандскиот сервис „Nos“. Претходно, полицијата соопшти дека нема индикации дека земањето заложници е поврзано со терористички акт.

Полицијата претходно соопшти дека од утрово има заложничка криза во кафуле во градот Еде во Холандија, во која може да има вклучено оружје и експлозиви, по што евакуирани биле 150 домови, пренесуваат тамошните медиуми.

Полицијата на платформата „Х“ соопшти дека е можно во инцидентот да е вмешано лице кое претставува опасност за себе и за околината и ги советувало жителите да останат дома и да го избегнуваат центарот на градот, кој се наоѓа во провинцијата Хелдерленд.

Портпаролот на тамошната полиција соопштил дека не е познато дали лицето што ги држи заложниците е вооружено, но истакнал дека ситуацијата е „дефинитивно сериозна“. Полицијата поставила неколку кордони и неколку специјални единици се присутни во центарот на Еде, објави „NL Times“.

Фото: Hollandse Hoogte / Shutterstock Editorial / Profimedia