featured

Густи облаци прашина и песок од Сахара го покрија небото на Грција: Топло е и тешко се дише

Густи облаци од прашина и песок од Сахара денеска повторно го покрија небото на Грција, особено во Атина и Солун, додека за денеска на одредени места се предвидува температура од 31 целзиусов степен.

Тие песочни облаци, кои веќе се појавија минатата недела во Грција, но и во други европски земји, во Швајцарија и на југот на Франција, на многумина им го отежнаа дишењето.

По жешкиот викенд, попладнево во Атина се очекуваат 26 степени, објави веб-страницата на јавниот телевизиски канал ЕРТ.

Термометрите денеска треба да покажат температура од дури 30 степени, а највисоки 31 степен се очекуваат на југот на Пелопонез и на островот Евија, во близина на Атина.

Најчувствителните луѓе „треба да избегнуваат вежби на отворено, како и напорна физичка работа“, изјави за државната телевизија ЕРТ претседателот на Сојузот на пулмолозите на Грција, Стаматулос Цикрикас.

Овој феномен веќе се појави минатата недела, а Атина беше зафатена од густи облаци од прашина и песок од пустината Сахара и Северна Африка.

Синдикатот на пулмолозите на Грција минатата недела објасни дека „африканската прашина носи честички кои можат да се интегрираат со полен, бактерии и габи, создавајќи многу токсична и опасна мешавина за човечкото тело, особено за респираторниот систем“.

Професорот по пулмологија Тодорис Василакопулос рече дека секој што страда од астма, алергии или други респираторни проблеми треба да биде внимателен.

Тој препорача најранливите категории на население да носат маски и очила за сонце.

Во Солун пак маглата предизвика доцнење на неколку авиони, јавуваат локалните медиуми. Според грчките метеоролошки служби од среда се очекува пад на температурата.