featured

Ерменија нема намера да влезе во НАТО

Ерменскиот министер за надворешни работи Арарат Мирзојан денеска изјави дека Ерменија нема намера да влезе во НАТО.

– Ова прашање не е на агендата на Eеремнија – изјави Мирзојан во интервју за ТВ каналот ТН, пренесува Интерфакс.

Тој додаде дека Ерменија ги смета САД и Европа за нејзини главни партнери.

– Имаме демократија и сакаме да ги зајакнеме демократските институции. САД и Европската унија се наши главни партнери – изјави тој.

Тој посочи дека официјален Ереван ги продлабочува економските и политичките односи со Брисел и Вашингтон, притоа додавајќи дека не станува збор за надворешнополитички пресврт.

– Ние само се обидуваме да ја обезбедиме нашата безбедност и развој на демократскиот пат – рече Мирзојан.

Тој посочи дека има проблеми во односите меѓу Ерменија и Русија.

– Имаме економски односи со Русија, билатерална трговија, соработуваме на различни полиња и одржуваме добри односи на полето на безбедноста. Сепак, точно е дека денес имаме различни ставови и дека, едноставно кажано, не зборуваме ист јазик. Проблемите што постојат во односите со Русија не можат да се сокријат – заклучи шефот на ерменската дипломатија.