featured

Нехамер: Австрија треба да ја зајакне безбедноста за да спречи руска инфилтрација

Неодамнешното апсење на поранешниот австриски разузнавач Егисто От под сериозни обвиненија за шпионирање за Русија укажува дека Австрија треба да ја засили безбедноста за да спречи руска инфилтрација, изјави денеска австрискиот канцелар Карл Нехамер.

Тој рече дека обвиненијата против Ото, кој работел за сега веќе ‘изгаснатата’ разузнавачка агенција, се „сериозни“, пренесува „Асоишиетед прес“.

„Од една страна, овие обвинувања мора да ги реши судството. Од друга страна, потребни се проценка и разјаснување на безбедносната состојба во земјата. Мора да ги спречиме руските шпионски мрежи да ѝ се закануваат на нашата земја со инфилтрирање или со инструментализирање на политичките партии“, рече австрискиот канцелар.

Тој најави дека следниот вторник ќе го свика Советот за национална безбедност.

Кривичниот суд во Виена денеска одобри продолжување на притворот на От за 14 дена. Јавното обвинителство на Виена одби да даде детали за обвиненијата за шпионажа, но рече дека тие се поврзани со „злоупотреба на положбата“ и се „штетни за Австрија“.

Според извештајот на австриски „Дер Стандард“, От е осомничен дека уште во 2022 година им предал на руските власти потенцијално чувствителни податоци од мобилните телефони на тројца поранешни високи функционери на австриското Министерство за внатрешни работи.

Мобилните телефони требало да ги поправаат информатичари на поранешната домашна разузнавачка служба на Австрија, Федералната канцеларија за заштита на Уставот и антитероризмот (БВТ) откако паднале во вода за време на патување со брод на Дунав во 2017 година.

Наместо тоа, податоците од телефонот завршиле во рацете на От, а тој наводно им ги пренел на руските разузнавачи. От беше уапсен во петокот откако властите во Велика Британија им пренесоа информации за неговиот случај на своите австриски колеги, објави „Дер Стандард“.

Германските медиуми минатиот месец објавија дека От и уште еден поранешен австриски разузнавач биле осомничени оти шпионирале потенцијални цели во Европа и дека информациите му ги пренеле на Јан Марсалек, поранешниот главен оперативен директор на германската компанија за финансиски услуги Wirecard, за кој тврдат дека има врски со руските разузнавачки служби најмалку од 2014 година.

От и неговиот колега, наводно, му помогнале на Марсалек да избега од Австрија со приватен авион во 2020 година по колапсот на Wirecard. Во неодамнешното интервју за германскиот магазин „Шпигел“, От ги отфрли обвинувањата против него како неосновани.