featured

Пратениците со 78 гласа „за“ изгласаа нов рок за изградба на делницата Кичево-Охрид да се донесе по скратена постапка

Министерот за транспорт, образложувајќи го предлогот на Владата, информира и за реализацијата на проектот по одделни објекти на трасата. Како што кажа, 88 проценти од нив се завршени, изградбата на тунелите е со реализација од 93 отсто, а ископот на земјениот материјал од 83 проценти

Со 78 гласа „за“ и ниту еден „против“ или воздржан Собранието на денешната 150. итна седница го изгласа предлогот на Владата по скратена постапка да се донесат законските дополнувања, односно новиот анекс на договорот со кинеската компанија „Синохидро“ за пролонгирање на рокот за завршување на изградбата на автопатската делница Кичево-Охрид.Потребата од донесување на дополнувањата на законот кој во целост гласи Закон за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци-Штип (завршена н.з) и делница Кичево-Охрид ги образложи министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Според дополнувања што техничката влада ги утврди на седницата на 26 март, новиот краен рок до кога треба да бидат завршени градежните работи на автопатот Кичево-Охрид е предложено да биде 31 декември 2026 година.

„Предлагаме како Влада по скратена постапка, согласно членот 170 од Деловникот за работа на Собранието да се продолжи рокот за реализација на проектот за изградбата на автопатот Кичево-Охрид од причина што овој Закон со кој е донесен и се гради овој автопат не е обемен и се работи за Закон со кратка содржина. Законот не повлекува дополнителни финансиски импликации“, рече Бочварски од собраниската говорница.Како основа за предлогот за продолжување на рокот за изградба на делницата, Кичево-Охрид, чиј изведувач е кинеската компанија „Синохидро“, Бочварски ги наведе и добиените мислења од надзорот на изградбата на делницата и ФИДИК-експертот што го ангажираше Јавното претпријатие за државни патишта и Владата. Причините за пролонгирање на рокот за завршување на делницата, додаде тој се добро познати на јавноста, а тоа се 13 нови свлечишта, за што е потребно ново проектирање и технички решенија.  

„Според добиените дописи и мислења од страна на надзорот и ФИДИК-експертот кој беше ангажиран од страна на Јавното претпријатие за државни патишта и Владата прогресот на работите е 83,84 проценти, со што се предлага Владата да предложи до Собранието продолжување на рокот за реализација на овој проект. Причините за продолжување на рокот за реализација на овој проект се добро познати за јавноста, поради појавувањето во најголем дел на 13 нови свлечишта на самата траса за кои е потребно дополнително проектирање, технички решенија со цел да се решат пропустите во техничката документација коишто се појавија при реализацијата на овој проект“, рече министерот за транспорт и врски.

Бочварски информираше и за реализацијата на проектот по одделни објекти на трасата.

„Во однос на реализацијата на проектот по поодделни објекти на трасата, можам да информирам дека објектите се реализирани со 88 проценти, тунелите со 93 проценти, ископот на земјениот материјал со 83 проценти“,рече Бочварски.

Откако Собранието ја изгласа потребата од носење на дополнувањата по скратена постапка, претседателот на законодавниот дом ги задолжи Комисијата за транспорт, врски и екологија, како матично работно тело и Законодавно-правната комисија да расправаат по предлогот.

Владата на последната седница на 26 март предложи на постојниот закон да биде додаден анекс број 6 со кој на изведувачот на работите на делницата Кичево- Охрид, кинеската компанија „Синохидро“ ќе му биде даден дополнителен рок за да ги заврши работите, откако тоа не успеа да го направи во првично предвидениот, кој беше до крајот на минатата година.

„Цел на Предлогот на закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево-Охрид е склучување на Анекс бр. 6 кон Договорот за изградба на автопат, делница Кичево – Охрид, каде што се утврдува дека поради настанати измени во градежните работи рокот за завршување се менува од 3 531 дена во 4 627 дена од денот на воведување во работа на Изведувачот, со што Изведувачот има право на продолжување на рокот за завршување на градежните работи за дополнителни 1 096 дена, па оттука крајниот рок е ревидиран на 31.12.2026 година“, се наведува во предлог дополнувањето на Законот.