featured

Кларк: Мислам дека Србија на крајот ќе го признае Косово

Поранешниот врховен командант на НАТО Весли Кларк изјави дека присуството на КФОР е важен фактор за зачувување на мирот и стабилноста на Балканот.

– Мислам дека присуството на Кфор е важен фактор. Мислам дека и добрата работа на амбасадорот Кристофер Хил во Србија е позитивен фактор. Верувам дека правиме се што можеме од перспектива на САД и од перспектива на НАТО за да се осигураме дека нема да има нов конфликт на Балканот. Но, знаете, многу зависи од тоа што се случува во Украина. Западните земји и Вашингтон треба да ги интензивираат напорите за да и дадат на Украина поголема воена помош и да и помогнат на Украина да се одбрани од руската агресија – рече Кларк.

На прашањето зошто 25 години по кампањата на НАТО, Косово се уште се бори за прием во меѓународната заедница, а Србија сè уште одбива да ја признае независноста, Кларк рече дека голем дел од отпорот е поттикнат од Русија, која не сака да го признае Косово.

– Мислам дека Русија го користи ова прашање за да создаде јаз меѓу западните демократии – изјави тој.

Кларк, зборувајќи за дијалогот и напорите за нормализирање на односите меѓу Косово и Србија, рече дека Србија ќе го признае Косово.

– Мислам дека Србија на крајот ќе го признае Косово како држава. Верувам дека многу ќе зависи од тоа како ќе заврши војната во Украина. Ако Украина биде примена во НАТО и како Русија ќе одговори на ова. И на крајот, како што рече претседателот Обама, историјата ќе ја почитува правдата. И мислам дека правдата во овој случај е дека Србите ќе ги остават настрана своите историски амбиции и несигурности и ќе се преселат во 21 век. Истото треба да го сторат и Косово и сите други земји од регионот – рече тој.