featured

МКГ: Главен приоритет е демилитаризацијата, Приштина да ги повлече специјалците од северно Косово

Меѓународната кризна група (МКГ) денеска објави извештај за ситуацијата на Косово во кој се наведува дека главен приоритет е демилитаризацијата на северот и повлекувањето на специјалните полициски единици на Приштина, пренесува „Политика“.

„Косово треба да ги повлече своите специјални полициски единици од регионот со мнозинско српско население, а додека не го стори тоа, треба да ги распореди умерено и само во координација со мировните сили на НАТО КФОР, кои луѓето од северот ги гледаат како покредибилни со оглед на нивната посветеност на неутралноста“, се вели во извештајот.

Во него се додава дека, во отсуство на сеопфатно политичко решение за ситуацијата во Косово, товарот ќе биде на Европската Унија, САД и НАТО, кои треба, како што се наведува, да го одржат мирот и да спречат ескалација на ситуација додека не созреат условите за договор.

Вториот приоритет е „обезбедување на потребите на Србите на Косово – со или без формална рамка за автономија“.

„Луѓето на северот зависат од училиштата, универзитетите и од здравствените установи со кои управува Србија. Поголемиот дел од населението работи на работни места кои директно или индиректно ги плаќа Белград, а многумина добиваат социјално осигурување, сето тоа во српски динари, преку мрежата на пошти и банки што Приштина сака да ги затвори“, се вели во извештајот.

Се додава дека етничката дискриминација и јазичните бариери го спречуваат мнозинството Срби во Косово да бидат на редовниот пазар на труд.

„Ако го изгубат пристапот до српските работни места и бенефиции, многумина ќе емигрираат. ЕУ и САД треба да го охрабрат Косово да гарантира дека овие клучни српски услуги ќе продолжат да функционираат. Тие исто така треба да продолжат да вршат притисок врз Приштина за укинување на забраната за увоз на храна и лекови од Србија, како и за користење на српскиот динар. Во сите овие работи, Косово треба да го следи водството на ЕУ и Америка“, наведуваат од Меѓународната кризна група.

Во извештајот се нагласува дека „разумно решение“ за ситуацијата на Косово веќе постои и е на маса.

„Во декември 2022 година, ЕУ, која посредува во спорот меѓу Белград и Приштина од 2011 година, предложи далекусежен договор за нормализација со кој Србија нема формално да ја признае независноста на Косово, туку ќе се однесува како да е независна,“ се наведува во извештајот.

Се додава дека, за возврат, Приштина на српското малцинство ќе му даде самоуправна единица која ќе се состои од 10 општини во кои живеат претежно Срби. Во документот се наведува дека точка на спор е токму Заедницата на српски општини, која Приштина и Белград различно ја нарекуваат.

„ Различните имиња одразуваат несогласување околу нејзиниот опсег и овластувања“, се вели во извештајот.

Од друга страна, од Белград се бара да престане да ги поддржува, како што се наведува, „паравоените активности и да ги гони инволвираните во убиството на косовските полицајци до степен до кој е под негова јурисдикција“.

„Постојат мали шанси овие пречки да се надминат преку дијалог, со посредство на ЕУ, а односите меѓу Белград и Приштина веројатно ќе останат замрзнати. Во овој контекст, и странските и надворешните актери кои сакаат мир на Западен Балкан треба да го фокусираат своето внимание на намалување на краткорочниот ризик од насилство, а потоа на остварливи цели кои можат да поттикнат политичка стабилност во случај на неуспешен пробив во договорот за нормализација,“ се наведува во извештајот.