featured

Палестински извори тврдат: Во болницата „Ал-Шифа“  пронајдени тела на стотици убиени цивили

По целосното повлекување на израелските сили од внатрешноста на болничкиот комплекс „Ал-Шифа“ и од неговата околина, западно од градот Газа, пронајдени се безживотните тела на стотици убиени цивили, соопштија денеска медицински извори во палестинската енклава.

Локални извори потврдија дека претходно денеска израелските сили целосно се повлекле од болницата „Ал-Шифа“ и околните станбени области и тргнале кон областите јужно од населбата Тал Ал-Хава, југозападно од градот Газа, пренесува палестинската новинска агенција „Вафа“.

Според очевидци, израелските сили ги запалиле сите згради на болницата „Ал-Шифа“ и ја направиле целосно неупотреблива.

Медицински извори објаснија дека израелската армија целосно уништила неколку ката во зградата со специјализирани болнички одделенија, а го запалила и остатокот од комплексот, вклучително и Ургентниот центар, уништувајќи ја целата медицинска опрема.

Во извештаите се наведува дека израелските сили ги запалиле зградите на клиниките за нефрологија, гинекологија, мртовечницата, апаратурата за лекување на онколошки пациенти, одделение за изгореници и зградата со амбуланти.

Повеќе од 32.800 Палестинци загинале од почетокот на израелската воена операција во Појасот Газа, а речиси 75.400 се повредени, покажуваат податоците објавени на официјалниот канал на Телеграм на Министерството за здравство на палестинската енклава.

„Бројот на жртви од израелската агресија во Појасот Газа од октомври минатата година се зголеми на 32.845, а најмалку 75.392 лица се повредени“, се вели во соопштението на Министерството.

Министерството за здравство на Газа додаде дека „во последните 24 часа во енклавата загинале 63 лица, а 94 се повредени“.