featured

Една земја ќе ја признае Палестина пред летото

Шпанската влада планира да ја признае Палестина како независна држава пред почетокот на летото, најави премиерот Педро Санчез.

Тој минатиот месец најави дека Палестина ќе биде признаена за време на мандатот на актуелната шпанска влада, но рокот е поместен за потенцијално да се совпадне со европските избори закажани за 9 јуни, пишува Pais.

Санчез сепак истакна дека владата мора „да внимава на одлуките што ќе бидат донесени во Брисел и во САД, особено имајќи ги предвид претседателските избори во таа земја во ноември“.

Шпанскиот премиер во понеделникот ја започна турнејата по Блискиот Исток и синоќа пристигна во Јордан, при што се очекуваат посети на Катар и Саудиска Арабија, во обид да влијае на клучните играчи во регионот за да се постигне одржливо решение за војната во Газа.

На официјалната веб-страница на шпанската влада се наведува дека Шпанија се стреми кон признавање на двете држави од меѓународната заедница.

Премиерот на средбата со престолонаследникот Мохамед бин Салман во Саудиска Арабија ќе се залага и за арапските држави кои не го признаеле Израел.