featured

Кралот Чарлс го отвора Балморал за јавноста: За 175 евра ќе добиете и чај

Официјалното известување на веб-страницата на кралскиот имот Балморал откри дека вратите на замокот ќе бидат отворени за посетителите за првпат откако е завршен во 1855 година, а љубопитните ќе бидат водени на прошетка низ собите и ходниците.

Кралот Чарлс III одлучи дека за првпат во историјата вратите на замокот Балморал ќе бидат отворени за јавноста, но цената на билетот може да спречи многу љубители на историјата, како и обожаватели на кралското семејство, да патуваат таму.

Досега обиколките на замокот беа ограничени на балската сала, каде по смртта на кралицата Елизабета Втора, нејзиниот ковчег беше поставен во септември 2022 година, а за тоа беше неопходно да се издвојат 20 евра.

Сега за околу 116 евра во мали групи со водич ќе можете да ја обиколите внатрешноста на замокот, а доколку сакате да уживате во пиењето на традиционалниот попладневен чај, тоа искуство ќе ве чини околу 175 евра.

Ќе се продаваат само 40 билети дневно, а гостите ќе можат да ги обиколат собите што ги користат кралот и кралицата, две трпезарии, гостинската соба, лобито и Црвениот коридор, каде што кралот Чарлс се сретна со премиерот Риши Сунак претходно оваа година.

Одлуката да се отворат вратите на замокот на кралевите е желба официјалните резиденции да станат достапни за јавноста, а летните тури се всушност пилот проект со цел да се види како замокот се справува со приливот на посетители.

Замокот ќе биде отворен за посетители од 1 јули до 4 август, кога кралот и кралицата ќе пристигнат таму на нивниот традиционален летен одмор.