featured

Прашањето за Тајван е „црвена линија“ во односите меѓу Кина и САД

Прашањето за Тајван е „црвена линија“ во односите меѓу Кина и САД и Пекинг нема да замижува пред странската поддршка за неговата независност, истакнал денеск кинескиот претседател Сји Ѓинпинг во телефонскиот разговор на американскиот претседател Џо Бајден.

Бајден во разговорот ја истакнал посветеноста на САД на принципот „една Кина“, како и важноста од одржување на мирот во Тајванскиот теснец, соопштија од Белата куќа.

Сји, исто така, рекол дека односите меѓу Кина и САД се стабилизирани во последниве месеци и изразил надеж дека САД ќе ја спроведат „позитивната изјава на претседателот Бајден“ дека не ја поддржуваат независноста на Тајван.

Кинескиот претседател додал дека двете земји треба да работат на развојот на дијалогот, да ја зајакнат меѓународната координација, како и промислено да ги решат различните ставови.

Бајден истакнал дека развојот на Кина е корисен за целиот свет, а Вашингтон не сака да ги прекине врските со Пекинг и, како што нагласил, не сака да води нова „Студена војна“.

„Напредокот во односите меѓу Кина и САД по Самитот во Сан Франциско покажа дека разликите може да се надминат“, рекол американскиот претседател.

Кинескиот претседател посочил дека Кина нема пасивно да следи ако Вашигтон се обиде да го потиснат кинескиот високотехнолошки развој и да ѝ го ускратат правото на земјата да напредува. Притоа тој укажал дека САД постојано вршат притисок врз научната, техничката, трговската и економската сфера на Кина, и дека се повеќе кинески компании се наоѓаат на листите за санкции.

„Тоа не е ‘елиминирање на ризикот’ туку создавање ризик. Ако САД сакаат да продолжат со заемно корисната соработка и заеднички да ги делат дивидендите од развојот на Кина, вратата на Кина секогаш ќе биде отворена. Но, ако САД инсистираат да го потиснат кинескиот високотехнолошки развој и ја лишат Кина од нејзиното законско право на развој, ние нема тивко да гледаме и да останеме неактивни“, предупреди кинескиот лидер.

Како што посочува „Блумберг“, ова е прв телефонски разговор на Бајден и Ѓинпинг по средбата во Калифорнија минатиот ноември. Тогаш двајцата лидери постигнаа договор за одржување редовна директна комуникација и успеаја да одржат дипломатска стабилност.

Договорот беше постигнат по период на дипломатска криза предизвикана од прелетување на наводен кинески шпионски балон над територијата на САД.

Бајден претходно разговараше со Сји за мерките за ограничување и нарушување на протокот на одредени хемикалии произведени во Кина кои се користат за производство на фентанил и други синтетички дроги.