featured

Сијарто: Мора да се направи се за да се избегне директен конфликт меѓу НАТО и Русија

Унгарија одбива да поддржи каков било предлог на претстојниот состанок на министрите за надворешни работи на НАТО што би ја довел Алијансата поблиску до војна или би ја претворил во офанзивна алијанса, изјави денеска унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто.

– НАТО е одбранбен сојуз – рече тој во Брисел пред почетокот на состанокот.

Како што истакна, Унгарија ќе го отфрли секој предлог што би го трансформирал НАТО во офанзивен сојуз бидејќи тоа би довело до сериозна опасност од ескалација.

– Војната е страшна, секако дека ја осудуваме – истакна тој.

Тој нагласи дека војната во Украина не е војна ниту на Унгарија, ниту на НАТО и додаде дека витална цел на дводневните состаноци треба да биде да се спречи војната во Украина да се претвори во војна во која е вклучен и НАТО.

Тој нагласи дека мора да се направи се „за да се избегне директен конфликт меѓу НАТО и Русија во наредниот период“.

Тој се осврна и на „изјавите на западноевропските политичари во последните недели“ за можноста за испраќање војници во Украина, велејќи дека Унгарија го отфрла секој предлог што би ја ескалирал војната.

– Се надеваме дека на средбата во следните два дена ќе надвладее разумот и желбата за мир и безбедност – рече Сијарто.