featured

(Видео) Американска туристка загина во напад на слон

Една 80-годишна туристка од САД го загубила животот по средба слон кој му се нафрлил на возилото со кое таа била на сафари во Замбија, пренесува „Еј-би-си њуз“.

Шестмина туристи и еден водич во саботата биле на возење во националниот парк „Кафуе“ кога се случил инцидентот. Повредената жена со хеликоптер била пренесена во болница во Јужна Африка, но подоцна била прогласена за мртва.

Четири други лица се здобиле со полесни повреди за кои им бил пружен третман.

На интернет беше споделено видео од нападот на слон – очигледно снимен од еден од туристите – на кое се гледа како животното го брка џипот– кога возилото застанало, слонот го превртел.

Кит Винсент, извршниот директор на Wilderness, компанијата што го организирала сафарито, вчера изјави за дека сите водичи на компанијата „се исклучително добро обучени и искусни, но за жал во овој случај теренот и вегетацијата беа такви што патеката на водичот беше блокирана и тој не можеше доволно брзо да го придвижи возилото надвор од опасност“.

Одделот за национални паркови на Замбија и локалната полиција започнаа истрага за инцидентот. Локалните власти и Американската амбасада работат на враќање на посмртните останки на жената во САД, велат претставници на Wilderness.

На 18 март, друго возило на сафари во националниот парк „Пиланесберг“ во Јужна Африка налетало на слон кој повеќепати го кренал возилото со 22 седишта, а возачот се обидел да го исплаши трескајќи ги вратите и викајќи. Нема информации за повредени во тој инцидент.